Приказната од култниот роман „Дваесет илјади милји под морето“ од Жил Верн е инспирација за новата авантуристичка телевизиска драма во десет епизоди, создадена од Џејмс Дормер – „Наутилус“.
Серијата претставува ново осмислување на романот од 1870 година, прикажувајќи ја приказната за потеклото на капетан Немо – индиски принц кој станува научник и борец за правда.Дејството во серијата се одвива пред настаните во класикот на Жил Верн.
Годината е 1857, кога британската Источноиндиска трговска компанија поседува поголема моќ од која било држава во светот – благодарејќи на своите приватни армии и флота, додека ги ограбува богатствата на покорените народи.
Во Калпани, Индија, компанијата тајно гради огромен подморски брод – Наутилус, користејќи робовска работна сила од колонијалниот затвор.
Иако првично бил замислен како истражувачки брод за подводна навигација, компанијата планира да го вооружи и да го претвори во нов тип на воен брод. Еден од затворениците што го гради Наутилус е Немо, кој воедно ги има дизајнирано неговите мотори. Но, тој во тајност подготвува востание со намера да го преземе бродот и да избега.
Кога дознава дека Наутилус ќе отплови за Бомбај неколку дена порано од планираното, Немо и неговите следбеници успеваат да го заземат бродот и да побегнат во морето. Сега, прогонувани од Источноиндиската компанија и нејзиниот осветољубив директор Кроули, кои сакаат да го вратат бродот и да го убијат Немо, капетанот и неговиот шаренолик екипаж пловат под морските длабочини во мисија на одмазда – решени засекогаш да ја уништат моќта на компанијата… и самата компанија.
Серијата нуди нова перспектива на потеклото на капетан Немо, прикажувајќи го не само како мистериозен морепловец туку и како човек со минато, идеали и непокорлив дух.
Во улогата на капетан Немо се појавува Шазад Латиф, додека во преостанатите улоги настапуваат Џорџија Флад, Тјери Фремон, Камерон Каф и други.
Премиерата се одржа на 25 октомври 2024 година во Обединетото Кралство и Ирска.
За целосно доживување на приказната, прочитајте го оригиналниот роман „Дваесет илјади милји под морето“ од Жил Верн – достапен во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина публикации“.

