Во време кога социјалните мрежи се погласни од докторите и нутриционистите и диктираат лажна слика за идеална фигура и тежина, овој роман не треба да го одмине ниту една тинејџерка.
Кога почнува битката со калориите и како таа се развива во болест? Во координација со експерти од областа, Јасминка Петровиќ во „35 калории без шеќер“ го претставува пријателството помеѓу Тара и Јована кои зимскиот распуст ќе го поминат кај вујкото и вујната на Јована во Грицка. Уште веднаш Тара остава впечаток на прекрасна и културна девојка, која, за жал, носи лузни под мазната и негувана кожа. Не поминува долго пред сите да забележат дека Тара има проблеми со исхраната, што повлекува и проблематично однесување: избувнува, плаче, пешачи со километри додека не падне од исцрпеност. Но, како досега тие што ѝ се најблиски, меѓу кои и Јована, не го слушнале овој крик за совршенство што ѝ ги лупи ноктите и ја остава без месечен циклус?
Спротивно на Тара, Јована е горда и задоволна од телото коешто ѝ го менуваат животните промени: нескротливи кадрици, мрсно лице и вишок килограми.
Како што врвцата од случајности се навртува околу цилиндарот, се исправа и несоборливата вистина – семејната ситуација и дете поделено, раскршено помеѓу суетите на двајца родители кое има очајна потреба од прегратка. Недостигот на внимание, се чини, пресудил Тара да гребе по ковчегот во кој се затрупува секој следен ден во обид да го задоволи гревот на змијата во стомакот. Покрај приказната на Тара се одвива и уште една приказна во приказна.
Тема која е сѐ помалку актуализирана и паѓа во сенка на пренападните инста-рилс, стегнати фотографии со фотошоп-алатки, па дури и обиди да се нормализира екстремниот начин на слабеење и младина која нездраво го „купува” продуктот на убавина. Помеѓу сите овие избори без предумисла постои една извична граница и вистина – девојките не се барбики, ниту животот е заштитен со розови филтри.
Романот „35 калории без шеќер“ на Јасминка Петровиќ заслужено ја добил наградата „Доситеево перо“ во 2008 година. Дозиран да ја задржи тинејџерската публика и богат со калории за суровоста на светот и тешките очекувања со кои се оптоваруваме самите себеси и тоа во периодот во кој сме најразоткриени и пречувствителни. Задолжително, поучно и умно спакувано.
Јована Матевска-Атанасова